|
Да се носи кафе во рака по улиците на Белград стана многу модерно. Голем број локали во престолнината се претвораат во кафетерии или синџири coffe shop-ови. Пред архитектите се поставува задача - осмислување на еден или цела низа простори кои во мноштвото, според типот слични, мора да се истакнат со сопствениот дух и карактер.
По два успешни ентериера на синџирот Кофидрим (Coffedream), првенец со кој е промовиран визуелниот идентитет на брендот во улицата Крал Петар 23 и минијатурите во пазарниот центар Сремска, осмислувањето на уште еден простор му е доверено на архитектот Милош Миросавиќ, еден од партнерите на студиото Im. architektur (www.imarchitektur.com). Локалот со кој во 2006 година новиот бренд се претстави во главната пешачка зона, ја отвори можноста за набљудување на проектирањето на ентериерот, кое не може да се сведе на распоред на мебелот, и внесе леснотија во овој тип јавни простори.
 Новата кафетерија се наоѓа на местото каде се среќаваат градските одредници Храм, Калениќ, Чубура, Трандафиловиќ, Кикевац и Гратчето Пејтон. На кривината на која сите забавуваат, во зградата од 1937 година на архитектот Бјеловиќ, во улицата Макензијева број 89, ново мирно место им е понудено на белграѓаните кои живеат на Врачар. Просторот кој првобитно е проектиран за кафеана, по седумдесет години повторно стана место на собирање, место каде се пие кафе и каде на минување ќе се сретнете со пријатели од гимназиските денови.
Со обврска да го задржи веќе формираниот идентитет и со желба да се внесе промена во согласност со локацијата и самиот простор во кој се наоѓа, надоврзувајќи се на соседниот парк и духот на пролетта во текот на која проектот е проектиран, авторот создал свежо и препознатливо продолжение на coffedream филозофијата. Кремзлатната и браон бојата кои го промовираа квалитетот на кафето по кои брендот сакаше да биде препознатлив, ги заменија белата, како толкување на одмереноста на луѓето и средината во која се наоѓа локалот, и зелената боја, како продолжение на соседниот парк Чубура.
 Дрвената рачка бајцувана во бело е прва работа за која ќе се фатите при влегувањето во овој тактилен ентериер. Мотив пренесен од претходните простори. На влезот во локалот е оставен слободен простор од каде може да се види внатрешноста. Веднаш до вратата почнува долга бела клупа која патува по целата десна страна на локалот и продолжува со својот одраз во огледалото, со кое целиот простор е продлабоч ен, а низата светилки, маси и столови умножена. Подвижниот стаклен панел ја пресекува клупата на нејзин надворешен и внатрешен дел. Кога е подигнат, границата меѓу седењето во внатрешниот и надвореш ниот простор на кафетеријата станува нејасна. Архитектонскиот јазик сведен само на еден модел столови, маси и клупи, со различни склопови создаде цела низа мини амбиенти, па гостинот го бира оној што му одговара во дадениот момент. Изненадува како ова мноштво во типологијата на седењето е прикриено и усогласено во еднообразна целина.
 Во просторот длабок 17 метри, низ изборот на бои и материјали, остварена е низа осмислени рефлексии кои му даваат свежина. Веќе препознатливата ѕидна облога во овој проект е вклопена со темното терацо. Овој материјал е врска со духот на времето и функцијата на просторот за која овој дел од објектот на почетокот на дваесеттиот век е проектиран. Покрај елеганцијата, тој го носи духот на Медитеранот и го навестува модниот тренд кој доаѓа. Подот исто така е елемент кој ги поврзува двете нивоа на локалот.
Долното ниво е третирано како проект во рамките на проектот. По целата висина, сите освен еден ѕид се обложени со огледало во ленти со широчина од 15 сантиметри. Исечените и прекршени одрази на оние што се движат низ овој театарски амбиент секое одење во тоалет го претвораат во мал спектакл. За некои шик место, за други идеален филмски сет во кој и воздухот има текстура, новиот амбиент на архитектот Милош Миросавиќ нуди толкување на современоста кое ретко кого остава рамнодушен.
Фотографии: Ѓорѓе Томиќ, Фотон Имагес
Ивана ПОПОВИЌ (Наш дописник од Белград)
Објавено во број 84. |