НАСЛОВНА arrow ГРАДЕЖНИШТВО arrow Најбарана бизнис вештина
 
Најбарана бизнис вештина
najbarana-biznis-vestina-mala.jpgПроцесите што се одвиваат во рамките на реализација на проектите во областа на градежништвото, често имаат специфични барања кои единствено можат да се исполнат со ангажирање на стручни лица со соодветни познавања или сертификати, референтни стручњаци или експерти од поединечна потесна стручна област. 

За успешна реализација на еден проект посебно внимание треба да се посвети на клучните процеси кои се неопходни, а се однесуваат на: процесот на подготовка за сите фази од проектот, процес кој се однесува на обемот на работа, процеси кои се однесуваат на време и трошоци, процеси на комуникација, процеси на ризици, процеси за набавка ...Сето ова е работа на проектниот менаџер.

 

А, што всушност претставува проектен менаџер?

 

Проектен менаџер или лидер на проектот или раководител, претставува личност која управува со проектот и која е одговорна за успешно завршување на проектот. Најкратката дефиниција за проектен менаџер е: одговорно лице за реализација на проектот, а поширока дефиниција би било, дека тоа е личност која ги распределува ресурсите, одредува временски рокови, управува со комуникацијата во тимот, го контролира буџетот на проектот, го анализира ризикот, доделува работни задачи. Што и да се случи со проектот, единствена личност која е одговорна за конечниот исход е лидерот на проектот. Оттука проект-менаџментот во денешно време е најбарана бизнис вештина која се применува во различни бизнис области и професии како градежништво, ИТ, финансии, телеком, производство итн. Проектите се важни за успехот на секој вид организација. Тие претставуваат активности од кои се добиваат нови или изменети производи, услуги, опкружување, процеси и организација. Проектите ја зголемуваат продажбата, го зголемуваат задоволството на коминтентите, ги намалуваат трошоците, ја подобруваат работната средина и резултираат со други придобивки.

 

najbarana-biznis-vestina-2.jpg

 

 

Колку типови на проектни менаџери постојат? Кои се стандардите на проектниот менаџмент? Како да се одбере тип на проектен менаџер во согласност со потребите на проектот? На овие, а и на други прашања поврзани со проектниот менаџмент, одговори можеа да се слушнат на еднодневната Проект менаџмент конференција наменета за градежните компании, која неодамна се одржа во просториите на Градежниот факултет во Скопје, во соработка со АД ЕуроКомпјутер Системс - ЕЦС Скопје, SKILLS Бугарија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Конференцијата беше отворена од страна на деканот на Градежниот факултет во Скопје, проф. д-р Милорад Јовановски, од заменик претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери проф. д-р Миле Станковски, како и професорката Валентина Жилеска Панчовска.

 

На конференцијата имаше повеќе презентери меѓу кои беше и Џими Чар, сертифициран проектен менаџер (PMP), со повеќе од 30 години работно искуство, кој професионално има водено и обучено многу тимови вклучени во спроведувањето на големи и комплексни проекти. Како сертифициран проект менаџер, тој активно води обуки и тренинг за проектен менаџмент (PMI ® Project Management Institute) во Романија, каде што е и активен член на управниот одбор и заменик-претседател за обука и едукација. Исто така, тој е основач и претседател на PMI во Либан и претседател на SKILLS Ltd, Бугарија. Тој на конференцијата детално го објасни "Светот на PMI", односно ги образложи стандардите на проектен менаџмент во градежништво. Детално беше објаснето што претставува PMI, методологија и организација, а беа презентирани и можностите за зачленување во PMI. Стефан Малиновски, сертифициран проектен менаџер (PMP ®) акредитиран од PMI ® - магистер во управување со проекти и програми при Универзитетот во Ворвик, Велика Британија, и проектен менаџер во компанијата SKILLS Ltd, Бугарија, во својата презентација целосно и детално ги образложи проектните процеси и фази (Project Integration Management, Project Scope Management, Project Time Management, Project Cost Management, Project Quality Management, Project Human Resource Management, Project Communications Management, Project Procurement Management, Project Safety Management, Project Environmental Management, Project Financial Management, Project Claim Management).

 

 

Дочка Василева, магистер по менаџмент на европски градби во Велика Британија, и магистер по градежништво на Универзитетот по архитектура, градежништво и геодезија во Бугарија. Таа е европски инженер и член на разни меѓународни професионални здруженија, како FEANI, PMI, VDI и CIWEM, со преку 12 години меѓународно работно искуство во областа на водење на проекти за изградба и градежништво и давање на консултантски услуги. Во својата презентација, Василева подетално ги објасни делот на Project Claim Management во рамките на градежништвото. Благодарение на своето големо искуство во овој домен, таа заедно со учесниците обработија неколку "case study" вежби за Claim Management - управување со побарувањата во градежништво, кои значително им помогнаа на учесниците за подобро разбирање на истото.

 

Градежниот инженер Милчо Миронов, со повеќе од 19 години искуство во управувањето на големите градежни проекти, во моментов е извршен директор на Галчев Инженеринг Груп АД, раководи со изградба на објекти и инфраструктурни проекти за повеќе од 30 милиони евра и член на АДИНГ Македонија. Врз основа на своето долгогодишно искуство во безбедност во градежништвото, Миронов ги образложи целите, потребите, побарувањата, големата важност и неопходноста од безбедносни стандарди во управување со проектите, а особено во областа на архитектура и градежништво. Програмата на оваа конференција им помогна на учесниците да научат како можат да ги надминат лошите проектни резултати како што се неисполнувањето на задачите, прекумерното трошење финансии и задоцнувањата. Со помош на оваа конференција, тие се стекнаа со знаење како да ги усовршат алатките за планирање, менаџмент-техниките и вештините на меѓучовечките односи, кои понатаму ќе им овозможат успешни проекти.

 

Со научените специфични принципи тие ќе можат секогаш да ги завршуваат проектите на време, согласно предвидениот буџет и спецификациите. Конференцијата за Проект - менаџмент, исто така, имаше за цел менаџерите, проект-менаџерите и раководителите да ги подготви за поефикасно водење на проекти и водење на бизнисот, како и за постигнување високо ниво на продуктивност. На конференцијата беа присутни повеќе од 80 учесници, проект менаџери, инженери, консултанти, директори, луѓе кои се вклучени во управување со проекти во областа на градежништво, студенти - заинтересирани да ги разберат основите на управувањето со проекти. Сите учесници се здобија со сертификати за учество и материјали кои ќе им користат во водењето на идните проекти. Благодарение на огромниот интерес за Проектен менаџмент, планирани се идни активности во овој домен. Имено, во средината на месец септември 2012 година е најавена петдневна обука за проектен менаџмент акредитирана од PMI, на која подетално ќе се анализираат практиките за успешно водење на проекти.

 

м-р Златко Зафировски, асистент на Градежен факултет во Скопје

Сузана Џепиќ, специјалист за тренинг и обуки, АД ЕуроКомпјутер Системс - ЕЦС