АРХИТЕКТУРА
ИКЕА - Продавање филозофија и мисија | ИКЕА - Продавање филозофија и мисија |
Шведската компанија за мебел ИКЕА денеска брои 326 продавници во 38 земји, со заработка од 23 билиони долари во изминатата година, што е за 7,7 насто повеќе од претходната година. Таа е дизајнер на домашно секојдневие, кој со својата сеприсутност не само што се обидува да го рефлектира туку и да го обликува нашиот начин на живеење.
Бил Могриџ, раководител на музејот за дизајн Cooper-Hewitt, ќе ја нарече ИКЕА "естетски глобален функционален минимализам". Продуктите на оваа компанија се дизајнирани да функционираат како во Осло така и во Рејкјавик. Во 1953 година, во малото село Алмут, во јужниот дел на Шведска, основачот Ингвар Кампрад ја отвора нејзината прва продавница. Мотото од нејзините сами почетоци е lista, што во превод би значело "да се прави". Со отворање на нивната прва мегапродавница во Стокхолм во 1965 година, ИКЕА станува најомилена шведска компанија за мебел. Оваа прототип салон-продавница од 45.800 квадратни метри вклучува детски центар, ресторан, банка и голем паркинг простор. Со отворање на продавниците во останатите европски држави, Азија и Северна Америка, таа станува најпроминентен продавач на мебел во светот. ИКЕА има издадено 197 милиони каталози изминатата година, на дваесет и девет јазици и шеесет и една едиција. "Како материјал за читање каталогот на ИКЕА е помалку популарен само од Хари Потер", вели дизајнерката и новинар Лорен Колинс.
ДИЗАЈНИРАЊЕ НА ЖИВОТЕН СТИЛ
Утописката ниска на компанијата потекнува делумно од шведската традиција. Во триесеттите години на дваесетиот век, социјал-демократското движење ја воведува идејата за folkhemmet (дом на луѓето), кој го употребува домот како метафора на визијата на хармонична и бескласна Шведска. "Она што ИКЕА го направи тогаш е комерцијализирање на таа идеја", вели Сила Робах, куратор на Националниот музеј во Стокхолм. Со потенцирање на редуктивни форми, употребливост и недекоративност, ИКЕА ги задржува естетските идеали на дизајнот на 50-тите години. Зад нивниот бренд не стои талентот на индивидуални дизајнери, туку е заснован на идеалите на националниот дизајнерски дух. За истражувачот на нордиската култура Урсула Линдквист, продавница на ИКЕА е прослава на националниот дизајн: "...жива архива во која вредностите и карактеристиките што се идентификуваат единствено како шведски, се доставуваат до потрошувачите во светот преку своите нордиско-идентификувани производствени линии, со организирани правци на движење и националистичка наратива".
Сепак, дистинктивниот маркетинг на ИКЕА има паралела со брендовите на 60-тите години каков што е лондонскиот "Хабитат" на Теренс Конран - соединување на продуктите во кохерентен ансамбл или "тотал дизајн" кој се проширува од своите продавници на своја маркетинг стратегија и печатење на каталози. Стимулирањето на посакуван животен стил, за разлика од промоција на поединечни функционални продукти на "Хабитат", е успешно усвоен во системот на ИКЕА. Со отворање кон конзумеризам и градење на бренд, демократскиот дизајн на Компрад е свртен кон потрошувачи од средна класа кои се стремат кон прогресивни социјални идеи и продуктивен животен стил кој е едноставен и подреден. Со оглед на тоа што брендот ги нагласува нивните ниски цени, тука е и предлогот за дизајн за најширока можна публика. Во последните години, ИКЕА ја додава на своите идеали и задолжителната енвиронменталистичка реторика. Во својот есеј "Евтино: високо чинење на дисконт - култура", Елен Рупел Шел наведува дека ниските цени и квалитетот на мебелот во ИКЕА ќе наметнат нови енвиронменталистички, естетски и социјални трошоци.
ИКЕА СИСТЕМ
Синџирот на продавници на ИКЕА не се само изложбени салони за мебел туку комплетни дестинации, вклучувајќи ресторани, маркети, банки и простори за чување на деца. Просторната организација на нивната основа, според професорот на Центарот за виртуелна реалност на универзитетот во Лондон, Алан Пен, е психолошка замка за купувачите. Според неговата теорија, потрошувачот што ја следи неправилната патека помеѓу изложените елементи на шведски мебел до единствениот излез на продавницата е подложен на импулсивно купување. Паралелно со нејзината репутација за добар и евтин дизајн, дистинктивниот лавиринт на ИКЕА е успешен во сите нејзини продавници. "Стратегијата на ИКЕА е слична со шопинг-центрите што се наоѓаат на периферијата од градовите, дизајнирани да привлечат купувачи и да ги задржат внатре што е можно повеќе време", вели професорот Алан Пен. За да задржи ниски цени, бизнис-моделот на оваа компанија зависи од префрлање на дел од трошоците на самите клиенти. Купувачот трба да обезбеди сопствен транспорт и сам да го склопи купениот мебел. Овој "самопослужувачки" етос на компанијата, според истражувањата, е една од главните недостатоци на оваа компанија.
ПРЕФАБРИКУВАНА УТОПИЈА
Монтажната куќа BoKlok која е лансирана во Шведска во 1996 година (во соработка со компанијата Skanska) е новата граница на дизајнерската амбиција на ИКЕА. Наместо единствено продавање на мебел, компанијата се обидува да направи нешто уште посмело - производство на "спакувана" куќа, дури и цели соседства, кои се опремени со ИКЕА мебел и се произведуваат според истите дизајнерски принципи. Куќите се мали модернистички единици, префабрикувани и масовно произведени за да се намали нивното чинење, и се организирани за максимална интеракција помеѓу жителите. Оваа година ИКЕА дизајнираше и град-прототип. Во 2013 година, таа ќе отпочне со изведба на овој проект во источен Лондон, наречен Strand East. Градот за 6.000 жители е организиран според скандинавски модели на урбанистичко планирање, со станбени згради и куќи, големи шопинг-центри и општествени згради. Иако непогодно на секоја локација, дизајнот на овие унифицирани домови е долгорочна мисија на шведската ИКЕА. "Ваквата утопија е погрешна бидејќи различни опкружувања бараат различни солуции. Да за Стокхолм, но не и за Тимбакту", вели Рут Итон, архитектонски историчар и автор на "Идеални градови: утопизам и (не)изградена средина".
КОН ГЛОБАЛНАТА ИДЕОЛОГИЈА
"Ние не продаваме само стол или маса, ние продаваме филозофија и мисија", вели Ингвар Кампрад. Едноставноста, како најзначаен термин на ИКЕА, достигнува подалеку и од естетиката. Во манифестот на Кампрад таа е основата за морална филозофија, демократија, рационалност и отворен однос кон модерниот живот. Во таа смисла, каталогот на ИКЕА станува ефикасен водич за стандардите на секојдневното живеење, а амбицијата на ИКЕА да го "опреми светот" не е само евтин маркетинг. Но од поинаква перспектива, најпродаваните производи на ИКЕА, "Били", "Иван" или "Систем 210" не ја презентираат корупцијата на секојдневието, туку го формализираат она што е веќе присутно - потребата за заеднички системи и начини на однесување. Каталогот на ИКЕА само ја прави тенденцијата кон униформност поочигледна. Критиката насочена кон масовната продукција на ригидни, симплифицирани модели и фетишизмот на основни бои на ИКЕА, не критика на вообичаените форми на секојдневието, туку кон нивното пасивно прифаќање.
Многубројни проекти на шведските уметници Андерс Видоф и Стиг Сјолунд се однесуваат критички кон мебелот на ИКЕА и неговото глобално влијание. Новиот критички жанр "ИКЕА уметност" како дел од проектите "Кутија за живеење" на Андре Зител, "Шведска еротика" на Џејсон Родс или скулптуралните форми на Клеј Кетер се одговор на политичките и метафизичките аспекти на продуктите на оваа компанија. Можеби рутинираното насилство креира чувство на слобода во однос на глобалната идеологија на ИКЕА. Каталогот го диктира генерелниот изглед на секојдневното живеење, но секогаш ние, купувачите, сме оние што ги склопуваме сите елементи во едно. ИКЕА, ако ѝ се пристапи правилно, наместо глобална униформност нуди нешто сосема спротивно - форма на "направи сам" индивидуализам. Во "Нели е одлично да бидеш Швеѓанец", писателот Р. Фукс ја појаснува оваа идеја: "Животот е како составување на ИКЕА мебел - тешко е да разбереш која е поентата, не си во можност да ги составиш елементите, некои есенцијални делови секогаш недостасуваат и резултат не е секогаш она што го очекуваш".
|