НАСЛОВНА arrow ЕКОЛОГИЈА arrow Бродска авантура за спас на Амазонската прашума
 
Бродска авантура за спас на Амазонската прашума
Според податоците на "Гринпис", дури 80 проценти од шумите во светот се деградирани или уништени. "Гринпис" води активна кампања до 2020 година да се престане со уништувањето на шумите во светот за да се заштити тоа што е останато од овие неверојатни екосистеми

Познатиот брод на светската еколошка организација "Гринпис", Rainbow Warrior, на 22 март оваа година ја започна својата кампања низ реката Амазон за да се подигне јавната свест за спас на Амазонската прашума до 2015 година, а на останатите шумски предели во светот до 2020 година. Активистите на "Гринпис" им се придружија на бразилските граѓански здруженија во испраќањето петиција до претседателот на Бразил за да се донесе закон за Нула уништување на шумите, информираат од "Гринпис". Оваа амбициозна иницијатива ќе треба да собере 1,4 милиони потписи од Бразилците, но и од странство, за да се донесе закон со што формално ќе се спречи уништувањето на "белите дробови" на планетата Земја - Амазонската прашума.

 brodska-1.jpg

Од срцето на Амазон, Манаус, бродот на "Гринпис" два месеци ќе патува по оваа величествена река, сè до Рио де Жанеиро. Таму во јуни ќе се одржи Конференцијата на Обединетите нации за одржлив развој, 20 години по познатиот Самит во Рио од 1992 година. Конференцијата ќе привлече илјадници политички и економски лидери, научници, активисти и граѓани. Како што велат во "Гринпис", нивната експедиција ќе ја нагласи убавината и важноста да се заштити прашумата од прекумерното сечење за да се добие плодна земја за производство на соја и за одгледување говеда, ќе ги посочи виновниците за нејзиното уништување и ќе понуди решенија како да се постигне Нула уништување на шумите во Бразил. Патувањето на бродот и кампањата на Гринпис може да се следи и да се поддржи на www.greenpeace.org

 

 

 

ПРЕКУМЕРНА СЕЧА

 

Басенот на Амазон покрива површина од околу 6,5 милиони квадратни километри, што е пет отсто од земјината површина. Тој е дом на најголемиот речен систем на планетата и претставува петтина од вкупниот волумен со слатка вода во светот. Научниците веќе предупредија дека до крајот на овој век Амазонската прашума би можела да се претвори во савана, ако продолжи досегашната практика на уништување на шумите и ако не се ублажи ефектот на климатските промени. Без здрави шуми, планетата Земја не може да го одржи животот. Според податоците на "Гринпис", дури 80 проценти од шумите во светот се деградирани или уништени. "Гринпис" води активна кампања до 2020 година да се престане со уништувањето на шумите во светот за да се заштити тоа што е останато од овие неверојатни екосистеми. Еволуирајќи со милениуми тропските шуми се најголемите складишта на природниот диверзитет на Земјата. Од вкупниот број копнени видови околу две третини живеат во шумите. Голем број од овие ретки животни, орангутаните, тигрите, јагуарите, слоновите и носорозите се сериозно загрозени и на раб на истребување. Важноста на шумите се протега многу подалеку од нивните граници.

brodska-2.jpg

 

Тие, како што нагласуваат од "Гринпис", помагаат во регулирањето на климата на Земјата зашто складираат речиси 300 милијарди тони јаглерод во нивните живи делови - што е околу 40 пати повеќе од годишната емисија на стакленички гасови од согорувањето на фосилните горива. Кога шумите се уништуваат со сечење или палење тоа количество јаглерод се испушта во атмосферата во форма на јаглероден диоксид, еден од гасовите што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина. Уништувањето на шумите е одговорно за една петтина од светските емисии на стакленички гасови. Шумите го регулираат и протокот кај реките и врнежите, па човештвото зависи од нив за производство на житарки и храна. Загубата на шумите во еден дел од светот може да предизвика сериозен удар во друг дел, на пример, загубата на шумите во Амазонската прашума и во Централна Африка може сериозно да ги намали врнежите во централните делови на САД. "Човештвото мора под итно да ги заштити шумите што се преостанати на оваа планета.

 

Индустријата, за жал, сè уште ги претвора шумите во продукти кои завршуваат во нашите потрошувачки кошнички, туркајќи ги видовите кон работ на истребувањето, уништувајќи ги животите и домаќинствата на заедниците што живеат во и околу шумите и менувајќи ја глобалната клима. За да го постигнеме ова, ги повикуваме индустриите да го сменат начинот на работа и да ги инспирираме потрошувачите да бараат нашата храна, хартијата и производите од дрво да не се поврзани со уништување на шумите. Со помошта на илјадници поддржувачи извојувавме неколку неверојатни победи: уништувањето на Амазонската прашума заради одгледување соја и говеда значително се намали поради мораториумот за производство на соја и одгледување говеда, Големата мечкина шума во Канада стана заштитена и одржливо се менаџира, 80.000 хектари под шуми каде што живее северниот елен во северна Финска сега е под заштита... ", нагласуваат од познатата еколошка организација.

 

Сашо Кузмановски