НАСЛОВНА arrow ЗА НАС
 
За Нас
Драги читатели!

Порта 3” е единственото стручно списание за градежништво, архитектура и екологија во Македонија.

Со нови идеи во медиумските води, беше слоганот под кој пред 5 години, на 29.12.2004 година на македонскиот медиумски простор се појави првиот број на овој двонеделник по идеја на г-динот Благоја Дончев. Надвор од клишеата, тој внесе свежина во медиумскиот простор на Македонија. Најпрвин излегуваше во формат на дневен весник на 32 страници, од кои 16 беа во боја. Потоа неколкупати го менуваше својот лик. Најголемата трансформација се случи во 99-тиот број, кога го сменивме форматот и “Порта 3” прерасна во списание со современ изглед. По една година, го направивме редизајнот на списанието. Станува збор за поинаков формат и ново графичко решение, со кое се трудиме да ги достигнеме светските трендови.

Зошто “Порта”? Портата означува влез во или излез од нешто. Таа претставува почеток на откривање на нов свет, почеток на сите истражувања, почеток на сите иновации. Ние сакаме да влеземе во медиумските води со нови идеи, со нови погледи, да се доближиме до читателот, да го информираме, да го едуцираме.

Зошто “3”? Тројката ги симболизира главните содржини на весникот. Градежништво, архитектура и екологија. На страниците од весникот се наоѓа се што е поврзано директно или индиректно со нив. Пред се инвестициите, економијата и можностите за унапредување на градежништвото. Овде има место за компаниите и нивните производи и услуги, како и успешните поединци и нивните дела. Иако првенствено наменет за луѓето кои професионално се занимаваат со градежништво, во него се третираат и дел од проблемите со кои обичниот човек се соочува секојдневно. Совети како да се уреди домот или непосредната околина, како да се стекне живеалиште, како да се реновира станот, како да се уреди деловниот простор.
porta3_za_nas.jpg
Централниот наш интерес е Македонија и случувањата во градежништвото кај нас. Има актуелни теми што се раѓаат од власта, од секојдневното работење на компаниите низ регионите на државата, Балканот и од светот.
Овој весник на градежната индустрија ги дава сите информации за новите градежни материјали, машини, опрема, како и новите технологии на градба. Редовно ги следиме со прилози сите промени во законската регулатива и мерките што се превземаат од страна на Владата во оваа сфера. Ги афирмираме успесите на нашите градежници и конструктори. Пренесуваме информации за најновите софтверски решенија, информации од областа на домашната и светската архитектура, урбанизмот, екологијата, дизајнот. Соработуваме со Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Друштвото на градежни конструктори на Македонија, Друштвото за патишта, Еколошки друштва, како и со голем број на градежни и проектантски компании.

Поттикнати од лавината реакции кои ги предизвика презентацијата на проектот “Скопје 2014”, во март годинава ја отворивме рубриката “Форум” во која им овозможуваме на сите луѓе од еснафот јавно да го кажат своето стручно мислење за овој проект. Се надеваме дека ќе успееме да ја разбудиме заспаната архитектонска јавност и ќе и помогнеме да стане движечка сила која ќе биде одлучувачки фактор во уредувањето на просторот не само во нашата метропола, туку и во Македонија.

“Порта3” не е затворена книга. Напротив, таа е постојано отворена за соработка со Вас. Било да се работи за предлози, за идеи, маркетиншка соработка... Нашето списание ширум ги отвора вратите за презентирање на сите научни истражувања на поле на градежништвото, архитектурата и екологијата. Имаме место и за студентите и за младите стручњаци кои ќе овозможат да струјат млади и свежи идеи и мислења.

Главен уредник - Дејан Буѓевац