| Михаил Токарев: 100 години Модерна Архитектура 8 |
ДРУШТВОТО АРУП е формирано во 1963 година
од инженерот Оув Аруп (1895-1988) и
архитектот Филип Даусон (1924-) и со тек на
времето станува глобален концерн, кој
вработува многу мултидисциплинарни групи, кои се
занимаваат речиси со сите области на архитектурата и
урбанизмот. Во добар дел од нивното архитектонско
творештво е нагласена инженерската компонента,
така што во тоа својство тие се јавуваат и како
партнери на Фостер кај банката во Хонг Конг.
Куќата на друштвото за осигурување во Кингсвуд (1985- 91) има комплексна содржина со: административен дел, ресторан, базен, спортски терени и друго.
При проектирањето на овој сложен објект, особено внимание и е посветено на неговата енергетска ефикасност. Така на пример, специјалната фасадна завеса го прифаќа сончевото зрачење и го трансформира во топлина за загревање на службениот базен.
Павилјонот на Велика Британија на ЕКСПО ‘92 во Севилја, со својата структура и понатаму ја усовршува т.н. одржлива архитектура со високоенергетска ефикасност. Овој навидум стаклено-челичен „кафез" е опремен со специјални уреди за да ја прифати сончевата енергија и да го обезбеди потребното засенчување и вентилација. За таа цел, над покривот се поставени посебно креирани вити ламели. Домот на културата во Истанбул (1990-94-) е замислен да претставува национален симбол на Турција и на нејзиното богато културно наследство. Тој треба да содржи неколку сали, од кои најголема е симфониската сала за 2.500 посетители. Во текот на градежниот бум во 80-тите години, Лондон е претворен во меѓународен градителски рај, кој привлекува повеќе светски компании и одделни американски архитекти. Тоа на индиректен начин го ослабува интересот за јавните објекти, како и за објектите за социјално домување.
Мајкл Хопкинс со соработниците постигнува завидни резултати, особено во областа на т.н. одржлива архитектура, која е совршено приспособена на климатските услови. Со умешно користење на сончевата енергија и природната вентилација, тој на архитектурата и дава сопствен обликовен идентитет. Новиот објект на Парламентот во Вестминстер, Лондон (1992-), Хопкинс го прави со атриумско решение слично на постариот објект. Наместо готски кули, на крововите на новиот објект тој додава вентилациони уреди, а новата фасада со техничките елементи има ритам сличен на оној од постариот објект. Слична архитектонска структура Хопкинс употребува и кај Седиштето на државните приходи во Нотингем (1992-95), каде што за поефикасна вентилација на по едно ќоше од објектите поставува големи вентилациони кули, направени од челик и стаклени тули. Прозорските отвори меѓу пиластрите од тула во височина на парапетот имаат закосени брисолеи, како и стреа од мат стакло.
|